Промените на Кривичниот законик се разгледуваат во моментов во Брисел, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир како одговор на новинарско прашање за измените на КЗ.
„Мислам дека тие во моментов се разгледуваат од нашите колеги во Брисел и верувам дека наскоро ќе има одговори на тоа прашање“, рече Гир.
Пратениците во Собранието со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, пред една недела ги донесоа измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаат сериозни реакциии во јавноста.
Видете и ова: Пендаровски го потпишал указот за измените на Кривичниот законикИзмените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа остри критики, обвинувајќи дека власта ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот.
И американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска изјави дека правниот тим на амбасадата ги разгледува измените.
„Правниот тим на американската Амбасада ги разгледува, јас лично не сум ги видела, така што не можам да ги коментирам и како што кажавме во соопштението на Стејт депарметнот потребно е да се следат процедурите на правниот систем на земјава, рече амбасадорката Агелер.
Премиерот Димитар Ковачевски на 8 септември изјави дека измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување.
Тој убедуваше дека немало „пазар“ околу донесувањето на измените, одговарајќи на прашањато да ги коментира реакциите во јавноста дека можеби станува збор за меѓупартиски пазар за да добие власта поддршка за уставните измени.
Од Коалицијата сите за правично судење пресметаа дека повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) ќе настапи апсолутна застареност за кривичен прогон.
Станува збор за предмети во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.