Кока е предлог за директор на МЕПСО - познат е по брат му што нишанеше демонстранти

Илустрација - протест во Скопје, инцидент

Алијанса за Албанците која е во владината коалиција го предложи Зуди Енузи Кока за директор на МЕПСО. Тој го поминал филтерот кај Надзорниот одбор и се очекува неговото назначување само да се официјализира.

Тој доаѓа од компанијата, бидејќи до сега бил шеф на кабинетот на разрешениот директор на АД МЕПСО, Сурија Рашиди. На јавноста и стана попознат по случајот со неговиот брат Цуфи Кока кој се случи за време на протест на опозицијата против францускиот предлог.

Видете и ова: Партиски обвинувања за тоа чиј е пиштолџијата на денешниот протест

Тогаш Цуфи Кока впери пиштол кон толпата, а претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека тој бил човекот кој требало да биде убиен. По овој настан кој се случи во јули минатата година градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, го разреши Зуди Енузи Кока кој во тој момент беше директор на ЈП Комунална хигиена.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ги упати новинарите, прашањата за компетентноста и за CV-то на новиот директор на МЕПСО да ги достават до Надзорниот одбор.

„Директорот на МЕПСО го назначува Надзорниот одбор на МЕПСО, така што прашањата ќе ги упатите таму. Тие работат согласно Закон за трговски друштва и согласно член 353, ако не се лажам од тој Закон тие имаат постапено. Така што, прашањата за компетентноста, за CV-то на новиот директор ќе ги упатите во Надзорниот одбор“, истакна министерот Бочварски.

Инаку братот на предложениот директор доби затворска казна од четири месеци за овој инцидент. Протестите кои се одржуваа беа против предлогот со кој требаше да се крене бугарското вето и Северна Македонија да почне преговори за влез во ЕУ. Опозициски партии сметаа дека со него се врши бугаризација и со денови протестираа.