Зеленски бара анкетните листови на функционерите да бидат јавни

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека електронските финансиски пријави на функционерите треба да ѝ бидат достапни на јавноста веднаш, со што стави вето на законот кој предвидуваше дека анкетните листови не треба да бидат објавувани една година.

Зеленски ја истакна потребата за транспарентност за време на војната со оглед на тоа што неколку корупциски скандали доведоа до апсење или смени на функционерите во последните неколку месеци.

„Финансиските пријави треба да бидат отворени. Веднаш. Не за година“, рече Зеленски.

Минатата недела, повеќе од 80 000 Украинци ја потпишаа петицијата со барање Зеленски да стави вето на ваквиот предлог-закон кој предвидува враќање на обврската за функционерите да пријавуваат имот, но имаше и одредба дека анкетните листи не треба да ѝ бидат достапни на јавноста една година.

„Ваквите ограничувања се неприфатливи“, рече Зеленски, барајќи од парламентот да гласа за отворање на регистарот на пријавен имот од страна на функционерите.

Видете и ова: Зеленски најави смена на министерот за одбрана Резников

Според анкетата која крајот на јули ја објави Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС), 89 отсто од Украинците сметаат дека корупцијата е сериозен проблем.

Неколку корупциски скандали го погодија Министерството за одбрана последните месеци, што доведе до оставка на министерот за одбрана Олексеј Резников.

Откако Русија ја започна инвазијата во февруари минатата година, Зеленски во повеќе наврати ветуваше дека ќе се бори против корупцијата во Украина што е и клучно барање на западните сојузници на Киев.