Ерменија и Соединетите Држави започнаа заеднички воени вежби кои ја налутија Москва и се случуваат со зголемувањето на тензиите меѓу Ереван и соседен Азербејџан поради отцепениот регион Нагорно-Карабах.
Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека вежбите „Eagle Partner 2023“ започнале на 11 септември со цел подготовка на ерменските сили за учество во меѓународни мировни мисии.
Полковникот Мартин О'Донел, портпарол на американската команда, рече дека вежбите „се суштинска можност за нашите војници од двете земји да изградат нови односи на тактичко ниво и да ја зголемат интероперабилноста за мировните операции“.
Вежбите се одржуваат на полигоните Зар и Армавир во близина на Ереван и ќе завршат на 20 септември. Американската војска соопшти дека учествуваат 85 американски војници и 175 Ерменци. Американците -- вклучително и членовите на Националната гарда на Канзас, која има 20-годишно партнерство за обука со Ерменија -- нема да користат тешко оружје, се додава во соопштението.
Русија, која ја предводи Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ), која ја вклучува и Ерменија, изрази загриженост за заедничките вежби во време кога односите меѓу Москва и Ереван покажаа знаци на слабеење.
Видете и ова: Пашинјан - Потпирањето за безбедност само на Русија беше „стратешка грешка“На 10 септември, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изрази жалење за „акциите на ерменското раководство“, велејќи дека не очекува „ништо добро“ од вежбите, додека портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека Русија „ќе ја следи ситуацијата“.
На 8 септември руското Министерство за надворешни работи го повика ерменскиот амбасадор во знак на протест против „непријателските чекори“ преземени од Ереван, вклучително и воените вежби.
Во меѓувреме, во Ереван, ерменскиот премиер Никол Пашинјан ја обвини Русија дека не ја заштитила Ерменија од, како што рече, континуираната агресија на Азербејџан.
Русија одржува мировни сили во регионот за да го поддржи договорот со кој заврши војната меѓу Ерменија и Азербејџан во 2020 година, втора по распадот на Советскиот Сојуз.
Сепак, Ереван ги обвини руските мировници дека не ги заштитиле Ерменците во Нагорно-Карабах, енклава која е меѓународно признаена како дел од Азербејџан, но е дом на околу 120.000 етнички Ерменци.