Претставниците на опозицијата која ги организира протестите „Србија против насилството“, на 11 септември поднесоа барање до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да распише вонредни парламентарни избори во Белград до крајот на 2023 година.
„Бараме распишување на овие избори затоа што сме во длабока социјално-економска криза и затоа што оваа влада нема ниту сила ниту волја да излезе од оваа криза“, изјави претседателот на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац.
Покрај Демократската партија, барањето го потпишаа и Еколошко востание, Зелено-левичарскиот фронт/Не давимо Белград, Заедно-Мораме и пратеничките клубови „Народно движење Србија - Новото лице на Србија“ и „Правец Европа“.
Претседателот на Србија на 11 септември по средбата Брдо-Бриони во Скопје изјави дека знае оти опозицијата доставила „нешто писмено “, но дека се уште не го видел.
„Ќе го прочитам, сигурен сум дека сериозно и мудро го напишале“, рече Вучиќ и додаде дека опозицијата ќе добие писмен одговор.
Видете и ова: Дел од српската опозиција се обидува да ја блокира работата на СобраниетоНа 5-ти септември пратениците од опозицијата во парламентот најавија дека го „блокираат“ српскиот парламент додека не се исполнат барањата за распишување избори.
„Составен дел од нашето барање е инсистирањето на имплементација на препораките на ОБСЕ, ОДИХР, Европскиот парламент и Европската комисија во однос на предизборните услови, за да бидат можни демократски избори“, рече потпретседателката на „Партијата за слобода и правда“, Мариника Тепиќ.
Таа појасни дека барањата првенствено се однесуваат на „проверка на единствениот избирачки список, намалување на притисокот врз гласачите во јавниот сектор и правилна работа на Регулаторно тело на електронски медиуми (РЕМ)“.
„Секојдневното институционално, правно, вербално и физичко насилство во општеството не се намалува, економската и социјалната криза зафаќа широки слоеви на општеството, барањата на граѓаните кои протестираат со месеци се игнорираат“, се вели во барањето доставено до Претседателството на Србија.
Протестите „Србија против насилството“ се одржуваат секоја недела по двете масовни убиства на 3-ти и 4-ти мај во Белград и областа Младеновац, во кои загинаа вкупно 19 лица, од кои повеќето деца.
Барањата на протестот се исти со месеци, односно смена на членовите на Советот на РЕМ и раководството на РТС.
Тие бараат и затворање на печатените медиуми и укинување на програмите и националните телевизиски фреквенции кои промовираат насилство и омраза, како и смена на министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.
Ниту едно од овие барања не е исполнето.