За влезот на земјите од Западен Балкан во Европската Унија подеднакво важно е и да се затворат билатералните прашања и да се спроведат потребните реформи, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на прес-конференција со неговите колеги од Словенија и Северна Македонија Наташа Пирц-Мусар и Стево Пендаровски во Скопје, каде што денеска се одржува состанок на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони.
На новинарско прашање дали за членство во европскиот блок е поважно да се решат билатералните прашања отколку да се исполнат реформите, Милановиќ со став:
„И едното и другото е важно. Отворени прашања постојат, како што е на пример прашањето меѓу Косово и Србија, кои меѓусебно не се признаваат. Но, тоа е процес кој се одвива паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи „смрт за дијалогот“, изјави Милановиќ.
Видете и ова: Состанок на лидерите на земјите од процесот Брдо-Бриони во СкопјеМакедонскиот претседател пак истакна дека во однос на ова прашање членството на Северна Македонија во ЕУ е пример за дисбаланс на традиционалните критериуми и билатералните прашања со соседите.
Во последните три години имаме сериозен дисбаланс во таа смисла зашто билатералниот проблем со Бугарија ја покрива целосно традиционалната европска агенда за пристапување и се надеваме дека час поскоро тоа ќе се промени, изјави Пендаровски.
Словенечката претседателка Пирц-Мусар не смета дека билатералните проблеми треба да се причина за одолговлекување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан.
Во врска со изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон кој неодамна рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“, тројцата лидери се согласија дека не се работи за формален предлог до Брисел и дека доколку биде поднесен како формална иницијатива до ЕУ, нема да ја добие согласноста од голем број земји членки.