САД, Индија и Г20 најавија проект кој ќе ги поврзе Индија, Блискиот Исток и Европа

Самит на Г20, 9 септември 2023 година

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден и неговите сојузници на 9 септември ги објавија плановите за изградба на железнички и поморски коридор што ќе ја поврзе Индија со Блискиот Исток и Европа, Асошиетед прес (АП).

„Ова е голема работа. Ова е навистина голема работа“, рече Бајден на самитот во Њу Делхи.

Проектот, како што се наведува, има за цел да поттикне економски раст и политичка соработка.

Плановите за коридорот беа откриени на годишниот самит на Групата 20 светски економии во Њу Делхи, а неговото основање ќе помогне за зајакнување на трговијата, испорака на енергетски ресурси и подобрување на дигиталната поврзаност.

Видете и ова: Г20 ги повика Русија и Украина веднаш да обезбедат испорака на жито

Во проектот ќе бидат вклучени Индија, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Јордан, Израел и Европската унија, изјави советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан.

Саудиска Арабија и Израел немаат дипломатски односи, иако Белата куќа ги притиска да ги нормализираат односите, пренесе АП.

На објавувањето на проектот учествуваа индискиот премиер Нарендра Моди, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и други лидери од целиот свет.

„Подобрувањето на поврзаноста со сите региони беше клучен приоритет за Индија. Ние веруваме дека поврзувањето е средство за зголемување на меѓусебната трговија меѓу различни земји со заемна доверба“, рече Моди.

Фон дер Лајен го опиша проектот како „зелен и дигитален мост низ континентите и цивилизациите“ и додаде дека вклучува кабли за струја и пренос на податоци.