Групата 20 водечки светски економии (Г20) усвои Декларација на самитот во Њу Делхи на 9 септември, во која ги повикува Русија и Украина да се обезбедат итно и непречено снабдување со жито, прехранбени производи и ѓубрива од овие две земји.
Домаќинот на самитот, индискиот премиер Нарендра Моди, објави дека Декларацијата е усвоена и навести дека преговарачите ги решиле длабоките разлики околу формулацијата на текстот за војната во Украина.
Во Декларацијата се наведува дека сите држави мора да дејствуваат на начин кој е целосно конзистентен со целите и принципите на Повелбата на ОН.
Дополнително, државите мора да се воздржат од закана или употреба на сила за стекнување територија на сметка на територијалниот интегритет и суверенитет или политичка независност на која било држава, се додава во документот.
Видете и ова: Мишел - Руската блокада на украинските пристаништа „мора да престане“„Во војната во Украина, употребата или заканата за употреба на нуклеарно оружје е недозволива“, забележува Г20 и додава дека „имаше различни ставови и проценки за ситуацијата“ во однос на украинската криза.
Премиерот на Индија на почетокот на самитот објави дека групата постигнала консензус за заедничка Декларација, но, не даде детали ниту го објави текстот.
Постоеја сомнежи дали заедничката Декларација ќе биде можна поради разликите во групата околу војната во Украина.
Видете и ова: Шефовите за финансии на Г20 со различни ставови за долговите и војната во УкраинаАфриканската унија се приклучи на групата
Индискиот премиер Моди го отвори дводневниот самит на Г20 во Индија на 9 септември со најава дека Африканската унија (АУ) е нова постојана членка. Овој чекор е во согласност со неговите напори како домаќин на овој самит да посвети поголемо внимание на јужната хемисфера.
Моди го најави членството за време на неговиот воведен говор на почетокот на самитот.
„Го поканувам претставникот на Африканската унија да го заземе неговото место како постојана членка на Г20“, рече Моди.
Иако претставниците на некои од најсилните светски економии не присуствуваат на самитот, имаше силна поддршка за членството во Африканската унија.
Иако една од главните теми неизбежно ќе биде војната во Украина, како дел од агендата, Индија сака да ги истакне темите што ги засегаат земјите во развој. Меѓутоа, овие огромни теми се тесно поврзани бидејќи војната во Украина влијае на глобалните прашања како што се безбедноста, храната и енергијата.
Најмалку една петина од шефовите на држави на Г20 не беа во Њу Делхи на 9 септември на отворањето. Лидерите на Русија, Кина и Мексико одлучија да не доаѓаат, а шпанскиот претставник е заразен со ковид-19.
Нацртот на конечниот документ испратен до дипломатите и добиен од Асошиетед прес не ја спомнува војната во Украина, оставајќи го делот со наслов „Геополитичката ситуација“ празен. Не е познато од кога датира таа достапна работна верзија.