Европската Унија е подготвена да го поддржи Мароко по смртоносниот земјотрес, изјави на 9 септември претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Моите мисли се со сите погодени од оваа трагедија и со спасувачите вклучени во операцијата за пребарување. Вестите за земјотресот се застрашувачки. ЕУ е подготвена да го поддржи Мароко во овие тешки времиња“, напиша Мишел на платформата „Х“, поранешен Твитер.
Коментарите на Мишел дојдоа од индискиот главен град Њу Делхи, каде што тој учествува на Самитот на Г20.
Видете и ова: Над 600 загинати во силен земјотрес во МарокоПовеќе од 600 луѓе загинаа во силниот земјотрес што го погоди центарот на Мароко доцна на 8 септември по локално време, соопшти Министерството за внатрешни работи на земјата.
Во извештајот на тамошното МВР, објавен утрото на 9 септември по средноевропско време, се наведува дека загинале 632 лица, а 329 се повредени.
Според Министерството, 51 од повредените се во критична состојба по земјотресот.
Како што јави Би-Би-Си, се очекува бројот на жртвите да се зголеми по земјотресот, кој наводно погодил една третина од земјата.
Земјотресот со јачина од 6,8 степени се случил околу 23 часот по локално време, на длабочина од 71 километар, југозападно од Маракеш.