Министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрула Чеку најави дека Косово ќе биде земја домаќин на Медитеранските игри во 2030 година.
„Им честитам на сите страни вклучени во процесот на кандидатура. Одлуката ја донесе Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (ICMG) на состанокот што се одржа во Ираклион, Грција, рече Чеку преку објава на Фејсбук на 8 септември.
Косовскиот премиер Албин Курти оваа вест ја оцени како „извонредно достигнување“.
Медитеранските игри се организираат на секои четири години и го претставуваат најважниот мултиспортски настан за земјите од медитеранскиот басен, по Олимписките игри.
Во рамките на оваа организација се одржуваат натпревари во повеќе од 25 дисциплини. На нив учествуваат спортисти од африкански, азиски и европски земји со пристап до медитеранскиот регион.
Минатата година домаќин на оваа организација беше Оран од Алжир.