Претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска е изненадена од носењето на измените во Кривичниот законик. Таа на 8 септември изјави дека воопшто не знаела дека се спремаат такви измени, кои во експресна процедура беа донесени на 6 септември.
„Како долгогодишен судија од Кривичниот суд секако дека не се согласувам со вакви измени на Кривичниот законик, особено не за вакви кривични дела“, изјави денеска претседателката на Уставниот суд, која присуствуваше на одбележувањето на Денот на независноста.
Со измените се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба, се дава можност за порано да застарат дела, се бришат членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
Таа се сомнева дека ќе имаше вакви измени доколку имаше пресуди по предмети за функционерите. Претседателката на Уставниот суд е фрапирана од тоа како се донесоа измените на Кривичниот законик, а дел од други закони, па и изборот на уставните судии се закочени во комисиите.
Видете и ова: Ковачевски - Измените на Кривичниот законик не се амнестија„Каде што им одговара на политичарите не се прават опструкции, така се тера, таму каде што сакаат да прават опструкции може да ја блокираме државата“, рече Кацарска.
Од Коалицијата сите за правично судење вчера пресметаа дека повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) ќе настапи апсолутна застареност за кривичен прогон.