Четиринаесет бели, наместа изгорени, маички симболично беа закачени на местото каде пред две години на денешен ден изгоре модуларната ковид болница во Тетово. Во пожарот изгореа 14 луѓе, 12 болни од ковид и две лица кои биле придужба на болните.
Роднини на починатите во пожарот денеска одржаа протестен марш, со барање да има ново обвинение за случајот и оставки од главниот обвинител Љубомир Јовески, тетовскиот обвинител Бесир Алиу и обвинителите Зорица Павловиќ, Дејан Петрески, Ханефи Амети и другите инволвирани во ова кривично дело.
Според роднините на жртвите мора да има правда за жртвите. Тие велат дека државата слави 32 години независност, а всушност 32 години има корупција која убива.
„Човечкиот живот не се почитува. 14 жртви, нула дена затвор“, велат роднини на жртвите.
Видете и ова: Бројни нерешени афери во здравството среде скандалот на онкологијаЗа неполн месец, ова е втор протест во Тетово за модуларната болница.
Роднина на жртвите протестираа на 16 август, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во својот најнов документарец „Убиство во Тетово“ откри дека модуларните ковид-болници во земјава, вклучително и таа во Тетово, се граделе несоодветно и со заобиколување на повеќе законски процедури, без елаборат за електрична инсталација, без елаборат за против пожарна заштита, без надзор на изградбата, но и низа други сериозни законски пропусти.
Видете и ова: Протест на семејствата на загинатите во модуларната болница - „Корупцијата убива“Обвинителството отвори истрага за причините за пожарот која траеше со месеци, а помагаа и експерти од Германија. Беше констатирано дека пожарот избувнал како последица на краток спој на продолжен кабел. Во септември минатата година започна судењето кое заврши во јуни годинава, а обвинети беа три физички и едно правно лице: докторот на смена Бобан Вучевски, како и за двајцата тогашни директори на болницата Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Судот им одреди условни казни за Етеми и Бесими, го ослободи Вучевски, но во судскиот предмет не се гонеа обвинетите поради причината за пожарот во модуларна болница. Обвинителството тврди дека се уште се истражува за вториот случај.
Од македонската компанија БРАКО, која е изведувач на објектите, по објавувањето на филмот соопштија дека таканаречените модуларни болници ги изградиле по стандарди пропишани во проектот на Светска Банка и по документација на Проектната единица на Светската банка во Министерството за труд и социјала за видот на материјали, изолации, инсталации, распоред на простории, прегради, лаборатории итн.
Што потоа се случувало со објектите, дали се доопремувале, и како се управувале од самата болница, и дали тоа било согласно насоките на Светска Банка и Светската здравствена организација за менаџирање во услови на ковид-не е во надлежност на БРАКО, велат од компанијата.