Премиерот Димитар Ковачевски на 8 септември изјави дека измените на Кривичниот законик не значат никаква амнестија, ниту помилување.
Неговата изјава доаѓа на два дека откако во експресна постапка во Собранието беа изгласани измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба.
„Не можеме да градиме правосуден систем врз основа на законски одредби од 19 век и од комунистички режим“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Премиерот вели дека немало „пазар“ околу донесувањето на измените, одговарајќи на прашањато да ги коментира реакциите во јавноста дека можеби станува збор за меѓупартиски пазар за да добие власта поддршка за уставните измени.
„Ако било некаков пазар каков што не било, тогаш веројатно и на друг начин ќе се одвивала целата постапка. Вие гледате дека има и јавни настапи, има од страна на опозицијата, од страна на власта, па ако ја погледнете и коалицијата на власта има мислења коишто не се сосема исти со оглед на различното гледање од идеолошка и од која било друга провиниенција на членовите на коалицијата“, рече премиерот.
Измените се донесени во време кога од државата се очекува да го смени Уставот, ако сака да напредува на патот кон Европската унија. Власта започна процес за уставни измени, но го нема потребното двотретинско мнозинство во 120 члениот парламент за да ги донесе тие измени.
Дел од јавноста во носењето на измени на Кривичниот законик гледа можен договор на власта и опозицијата и купување на гласови за уставните измени.
Видете и ова: Државата слави независност во време на нови предизвициКовачевски смета постапката за уставни измени треба да резултира со изгласување на потребните одлуки и отворање на поглавјата за што побрзо пристапување во ЕУ.
„Стратешка одлука значи тоа, се друго е бегање од реалноста, бегање од одговорност и враќање на државата во изолација и неизвесност“, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на трите нови сали во болницата „8 Септември“ во Скопје.
Тој вели дека измените на Кривичниот законик се за да се усогласи домашното со законодавството на Европската унија, за да има правда врз основа на брзи, ефикасни, ефективни постапки со проширена конфискација на она што некој го стекнал во текот на извршување на одредени незаконски дејанија.
Усвоените измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Коалицијата сите за правично судење вчера пресметаа дека повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) ќе настапи апсолутна застареност за кривичен прогон.
Станува збор за предмети во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.