Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги осуди нападите врз членовите на мировната мисија на Алијансата, кои се случија на крајот на мај на северот на Косово.
„Нападот врз мировната мисија на НАТО, персоналот на КФОР, што се случи во мај, е целосно неприфатлив. Затоа виновниците мора да одговараат. Во тек е истрага од страна на косовските власти“, рече Столтенберг, додавајќи дека станува збор за прашањето за спроведување законите, бидјеќи според него, „неприфатливо е да бидат нападнати оние кои го штитат мирот“.
Шефот на Алијансата ја прими претседателката на Косово, Вјоса Османи, која оцени дека нападите врз војниците на КФОР на северот на Косово биле „планирани, организирани и извршени од српски организирани криминални групи, што јасно се докажува со видео снимки и со истрагата“, рече таа.
„Доколку има неказнивост за мајските напади врз војниците на КФОР, како и за континуираните напади врз косовските полицајци и новинари, постои ризик сторителите да го сфатат ова како наша заедничка слабост и ќе се осмелат да ја искористат секоја можност да го повторат насилство“, рече косовската претседателка.
Видете и ова: Косово издаде административно упатство како може да се сменат градоначалницитеНа крајот на мај избувна насилство на северот на Косово бидејќи локалното српско население протестираше против новоизбраните албански градоначалници на општините на северот на Косово, кои полицијата на 26 мај ги внесе во општинските згради. Тие избори беа бојкотирани од локалните Срби.
Како резултат на неколкудневните протести, на 29 мај, демонстрантите ги нападнаа и војниците на КФОР.
Безбедносната ситуација, особено на северот на Косово, беше клучна тема на разговорот меѓу Османи и Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО ја поздрави одлуката на косовските власти за намалување на полициското присуство на северот на земјата и плановите за одржување нови локални избори во четири општини на северот на Косово.
Тој ги повика двете страни да избегнуваат и да се воздржат од запалива реторика и да ги почитуваат своите обврски.