Столтенберг - Нема знаци за намерен руски напад во Романија

Шефот на НАТО Јенс Столтенберг.

НАТО нема информации дека остатоците од беспилотни летала пронајдени на територијата на членката на алијансата Романија биле предизвикани од намерен руски напад, изјави шефот на НАТО Јенс Столтенберг.

„Немаме никакви информации што укажуваат на намерен напад од Русија и го чекаме исходот од истрагата што е во тек“, изјави Столтенберг пред пратениците на ЕУ во Брисел на 7 септември.

Украина на 4 септември соопшти дека беспилотни летала детонирале во Романија за време на руски напад во текот на ноќта врз Измаил, пристаниште на реката Дунав југозападно од Одеса, кое граничи со Романија.

Видете и ова: Украина тврди дека руски дронови погодиле романска територија, Букурешт демантира

Откако се повлече од договорот што ѝ овозможи на Украина да испорачува жито преку Црното Море, Русија изврши неколку напади врз украинските пристаништа на реката Дунав, што стана алтернативна рута за да се пласираат украинските земјоделски стоки на пазарот.

Романските власти испратија мешани сигнали за тоа дали нивната територија била погодена од руски дрон. Романскиот претседател Клаус Јоханис на 5 септември рече дека нападот е „потврден на 800 метри од нашата граница, толку многу блиску“.

Но, на 6 септември романскиот министер за одбрана Ангел Тилвар изјави дека на романска територија биле пронајдени парчиња од беспилотно летало.