Основниот Кривичен суд Скопје денеска ги прогласи за виновни за примање и давање поткуп тројцата професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, во повторениот судски случај за предметот „Еразмус“.
На Бобек Шуклев и Славе Ристевски судот им изрече вкупно осум години казна затвор, додека Драган Денковски доби условна казна затвор.
На професорот Бобек Шуклев за примање поткуп му беше изречена казна затвор од четири години и шест месеци, професорот Славе Ристевски за две кривични дела примање поткуп доби казна затвор од по две години и шест месеци, односно единствена казна затвор во траење од четири години.
Професорот Драган Денковски, за три кривични дела давање поткуп Судот го осуди со алтернативна мерка условна осуда, за секое кривично дело во траење од по 10 месеци, или единствена казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело.
Видете и ова: Осудени професори на Економски факултет за случајот ЕразмусОва беше повторно судење, откако во 2020 година тие беа осудени, но по нивната жалба Апелациониот суд повторно го врати случајот за случајот „Еразмус”, кој се однесува за земање пари од студенти за полагање на испити. Обвинителството ги товареше обвинетите дека во повеќе наврати во 2015 и 2016 година, искористувајќи ја својата положба сториле кривични дела.
Во денешната пресуда судот како отежителна околност ја земал предвид нивната професија како професори, додека како олеснителни биле возраста, семејство и тоа што досега се неосудувани.
На професорот Бобек Шуклев како отежителна околност била земена и тоа што навлегол во интимната сфера на една од оштетените.
Професорите добија и забрана за вршење професија во траење од пет години, а времето поминато во затвор се смета во времето во кое трае забраната.
При објавата на пресудата судијката Јанчулева Михаиловска посочи дека изнесените докази имаат доволен доказен капацитет за донесување на осудителна осуда.
Во случајот беше товарен и професорот Стојан Дебарлиев, за кого, Кривичниот суд во 2020 година пресуди дека не е виновен за „злоупотреба на службената положба и овластување“.