Амбасада на САД во БиХ: Заканите на Додик се неуставни

илустрација

„Заканата на Милорад Додик дека ќе го спречи високиот претставник Кристијан Шмит да влезе во босанскиот ентитет Република Српска и дека ќе му ја ограничи слободата на движење е противуставна. Ова претставува уште еден намерен напад на господинот Додик врз Дејтонскиот мировен договор, уставниот поредок на БиХ и државата БиХ“, соопштија на 7 септември од Амбасадата на Соединетите Држави во Босна и Херцеговина.

Тие наведоа дека високиот претставник е одговорен за надзор над спроведувањето на цивилните аспекти на Дејтонскиот мировен договор, кој ги обврзува официјалните лица да соработуваат со него и ужива дипломатски статус во цела БиХ според Виенската конвенција за дипломатски односи.

„Непромислените закани и смешните тврдења на господинот Додик за статусот и овластувањата на високиот претставник се неприфатливи и претставуваат уште еден чекор по опасниот пат што тој го избра – патот на изолацијата“, нагласуваат од Амбасадата на САД.

Оттаму додаваат дека Соединетите Држави целосно го поддржуваат високиот претставник и неговата употреба на овластувањата во Бон кога е потребно и дека ќе продолжат да ги повикуваат на одговорност оние поединци кои дејствуваат против Дејтон.

Потсетуваме, Милорад Додик на 6 септември изјави дека се подготвува указ за забрана за влез на високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ), Кристијан Шмит, во РС.

Видете и ова: Обвинителството на Босна и Херцеговина покрена обвинение против Додик

Тој рече дека полициските станици ќе имаат задача да „организираат единици и да го извлечат“ кога Шмит ќе влезе во РС.

„И тоа ќе се случи, немојте да мислите дека нема. Указот се пишува и кога ќе се вратам во Бања Лука ќе го завршиме“, најави Додик.

Последниот потег уследи по неколкумесечните зголемени тензии во БиХ поради потпишувањето на контроверзните закони од страна на Додик ова лето.

Имено, Народното собрание на РС на 27 јуни донесе два спорни закони, кои Додик ги потпиша според редовната законодавна процедура и беа објавени во Службен весник на РС.

Тоа се закони кои наведуваат дека одлуките на високиот претставник повеќе нема да се објавуваат во оваа публикација, а со тоа нема да се почитуваат во БиХ, како и дека одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина повеќе нема да се применуваат во РС.

Високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, со своите одлуки од 1 јули ги поништи двата закони.

Видете и ова: Шмит ги поништи антидејтонските закони на Собранието на РС и го измени Кривичниот законик на БиХ

Официјалните претставници на РС, предводени од Додик, ја оспоруваат легитимноста на високиот претставник, бидејќи на неговото официјално назначување во Советот за безбедност на Обединетите Нации се спротивставија Кина и Русија. Други земји рекоа дека нема потреба од тоа.

Во последната употреба на овластувањата во Бон, Шмит ги промени и одредбите од Кривичниот законик на Босна и Херцеговина, проширувајќи го така што дејствијата што го нарушуваат уставниот поредок ќе се третираат како кривично дело.

Непочитувањето на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина е исто така криминализирано.