Нов напад на руски дронови врз украинското пристаниште Измаил

илустрација

Инфраструктурата на украинското пристаниште Измаил била оштетена во напад со руски дронови рано на 7 септември, соопштија украинските власти.

„Силос за жито и административни згради биле оштетени во нападот во раните утрински часови во Измаил, пристаниште на Дунав југозападно од Одеса“, изјави Олех Кипер, гувернер на регионот Одеса.

Едно лице е повредено во нападот, кој е четврти врз клучното украинско пристаниште на реката Дунав во последните пет дена, рече тој.

Украинската војска објави дека соборила 25 од 33 беспилотни летала, за кои рече дека биле лансирани од Русија. Повеќето биле насочени кон регионот на Одеса, но некои и кон северната област Суми.

Русија ги засили нападите врз инфраструктурата за извоз на жито во Украина во време кога се водат разговори за продолжување на договорот за жито во Црното Море што ќе овозможи непречен извоз на жито од украинските пристаништа.


Русија се откажа од договорот во јули, една година откако беше посредуван од ОН и Турција.

Во Русија, беспилотни летала беа соборени во близина на Москва, јужниот регион Ростов и регионите Брјанск на југозапад, цитираат руските власти државните медиуми.

Видете и ова: Руски проектил погоди пазар во источна Украина, најмалку 17 мртви

Според ТАСС, три згради биле оштетени во градот Ростов на Дон, град со 1 милион жители на речиси 1 000 километри јужно од Москва. Во него се наоѓа и јужниот воен округ на Русија. Една експлозија била пријавена во близина на неговото седиште.

Василиј Голубев, гувернер на Ростовската област, изјави дека едно лице е повредено кога еден од дроновите се урнал во централното градско подрачје.

Во Брјанск, остатоците од еден од двете уништени беспилотни летала ги искршиле прозорците на зградата на железничката станица и оштетиле автомобили во близина, објави новинската агенција Интерфакс.

„Во московската област, дрон бил соборен над градот Раменское, југоисточно од главниот град на Русија, изјави градоначалникот на Москва“, Сергеј Собјанин.

Новите напади со беспилотни летала доаѓаат еден ден откако 17 лица беа убиени и десетици ранети во руски ракетен напад на прометниот пазар на отворено во источниот украински град Костјантинивка, во близина на линијата на фронтот во регионот на Доњецк.