Пратениците изгласаа измени на Кривичен законик со кои се намалуваат казните за злоупотреба на функција

Пратениците во Собранието со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, ги донесе измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаат сериозни реакциии во јавноста.

Измените што ги предложи власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

На гласањето му претходеше расправа во која опозициските пратеници изнесоа остри критики, обвинувајќи дека власта ги носи овие законски измени за да ги амнестира оние што го прекршиле законот.

Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, и во овој случај се злоупотребува европското знаменце. Инаку, преку процедурата на носење на закони со европско знаменце, се крати процесот за нивно усвојување во Собранието. Дискусијата по скратена постапка трае само три дена во Комисијата за европски прашања.

Видете и ова: Владејачкото мнозинство ги изгласа измените на Кривичниот законик

Според заменик министерот за правда Викторија Аврамовска - Мадиќ која им реплицираше на пратениците во Собранието, од вкупно 38 члена во законските измени и дополнувања, 35 се со директивите на ЕУ.

„За да нема забуни и дилеми зошто Законот е со европско занаменце, нагласувам дека предвидува 38 члена од кои 35 се со директивите на ЕУ. Вчера кога го давав Предлогот зошто треба да биде со европско знаменце и по скратена постапка, напоменав дека целта е усогласување со европското законодавство, изјави од собраниската говорница Аврамовска - Мадиќ.

Овој проект покажува дека власта се спрема за опозиција, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски. Тој за Радио Слободна Европа вели дека овој потег на власта е погрешен, особено дека доаѓа во време кога земјава е под силни критики за корупција и деградирање на владеењето на правото од страна на домашните и меѓународните организации.

Измените во Кривичниот законик се ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште од 2018 година, но тие се и со цел хармонизација со европското право, изјави на 06 септември вицепремиерот Артан Груби.

„Апсолутна лага и апсолутно е невозможно под кои било услови со овие измени во Кривичниот Законик да се врати г. Груевски. Овие измени коишто се во Кривичниот Законик освен што се хармонизација со европското право се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на сите лидерски средби, и на билатерални средби по однос на измените во КЗ и еве имаат шанса тоа да си го направат во Собранието. Впрочем, тоа веќе и го направија вчера со нивното учество вчера во Собранието“, одговори на новинарско прашање Груби при при увидот во градежните активности на автопатската делница Скопје – Тетово.

Со новите измени се промена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.

Видете и ова: Груби-Мицкоски на лидерските средби бараше измени во Кривичниот законик


Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.

Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.

Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.