Украинските власти соопштија дека најмалку 17 лица се убиени, а многу други се ранети во руски ракетен напад на прометниот пазар во источниот град Костјантинивка, што предизвика итна осуда од претседателот Володимир Зеленски, кој неколку часа претходно се сретна со американскиот државен секретар Антони Блинкен во Киев.
На видеото од нападот, објавено на социјалните мрежи од украинските власти, се гледа како луѓе паѓаат на улиците трчајќи низ пазарот во индустрискиот град, кој е во близина на Бахмут и линијата на фронтот на војната.
Украинскиот министер за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека 17 лица загинале, а 32 се повредени, додавајќи дека операцијата за пребарување и спасување е завршена.
Нападот уследи откако Блинкен се сретна со највисоките украински функционери во ненајавеното патување во Киев, при што вети поддршка на САД за тековната контраофанзива на Украина и „она што и треба на долг рок“.
Посетата на Блинкен на 6 септември, исто така, дојде само неколку часа откако главниот град на Украина повторно беше цел на руски ракети.
Во соопштението, Стејт департментот рече дека посетата на Блинкен имала за цел да ја покаже „непоколебливата посветеност на Соединетите Држави за суверенитетот, територијалниот интегритет и демократијата на Украина, особено во лицето на руската агресија“.
По пристигнувањето, Блинкен положи венец на гробиштата во Киев во чест на членовите на украинските вооружени сили убиени додека ја бранеа земјата, според извештаите во печатот.
Видете и ова: Украина тврди дека Русија извршила ракетен напад врз Киев, сите проектили соборени„Сакаме да бидеме сигурни дека Украина го има она што и треба, не само за да успее во контраофанзивата, туку го има она што и треба на долг рок, за да се осигураме дека има силно одвраќање“, рече Блинкен во Киев, зборувајќи заедно со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Патувањето е четврто на Блинкен во Украина откако Русија ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година. Украина е во третиот месец од големата контраофанзива против руските сили за која се надева дека решително ќе го промени моментумот на војната.