Измените во Кривичниот законик се ексклузивно барање на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски уште од 2018 година, но тие се и со цел хармонизација со европското право, изјави на 06 септември вицепремиерот Артан Груби.
„Измените во Кривичниот законик се во согласност со правилата на ЕУ, тоа е забрзана постапка и со ѕвезда на ЕУ. Вчера започна постапката во Собранието и немаше политичка партија која беше против. Има и други членови кои се ставени бидејќи и тие беа иницијатива и барање на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Груби одговарајќи на новинарско прашање денеска при при увидот во градежните активности на автопатската делница Скопје – Тетово.
„Македонската и албанската опозиција да си ги усогласат ставовите, затоа што македонската опозиција вчера на пленарната седница не гласаше „против“ измените во Кривичниот Законик, коишто се хармонизација со европското право, туку остана на седницата, правеше кворум и го усвои дневниот ред. Истото се случува и денеска на Комисијата за европски прашања“, рече вицепремиерот Груби тврдејќи дека овие измени не се политичко пазарење со ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од албанската опозиција, вели тој, излезе да го каже тоа што не можат да го кажат од ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е дека со измените во Кривичниот законик се враќа експремиерот Никола Груевски.
„Апсолутна лага и апсолутно е невозможно под кои било услови со овие измени во Кривичниот Законик да се врати г. Груевски. Овие измени коишто се во Кривичниот Законик освен што се хармонизација со европското право се и ексклузивно барање и на г. Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ на сите лидерски средби, и на билатерални средби по однос на измените во КЗ и еве имаат шанса тоа да си го направат во Собранието. Впрочем, тоа веќе и го направија вчера со нивното учество вчера во Собранието“, вели Груби.
Владата предложи измени на Кривичниот законик, со кои се предвидува за неколку години да се намалат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и овластувања на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.
Инаку, преку процедурата на носење на закони со европско знаменце, се крати процесот за нивно усвојување во Собранието. Дискусијата по скратена постапка трае само три дена во Комисијата за европски прашања. Владата образложува дека овие измени на Кривичниот законик произлегуваат од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија 2021 – 2025.
Измените што ги предлага власта меѓу другото значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.
Видете и ова: Агелер: Ние нема да апсиме, но корупцијата не смее да помине неказнетоСе предлага измена на делови од Членот 353 кои ќе значат затворска казна од една до четири години за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.
Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.
Со новиот закон исто така се предлага бришење на Ставот 5 од Членот 353 од стариот закон, во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата.
Во новиот закон се предвидува нов став кој гласи „прибавената имотна корист се одзема“.