Почина македонскиот академик и нобеловец д-р Ферид Мурад

Добитникот на Нобелова награда и македонски академик доктор Ферид Мурад почина денеска на 87-годишна возраст. Докторот Ферид Мурад е светски познат лекар и научник, добитник на Нобелова награда за физиологија и медицина.

Д-р Мурад живеел и работел во САД, а потекнува од гостиварското село Лакавица.

Во 1998 година, заедно со двајца колеги, ја доби Нобеловата награда за физиологија/медицина за откритија во врска со улогата на азотен оксид во кардиоваскуларниот систем.

Награден е со титулата „Почесен доктор“ од многу универзитети и престижни меѓународни образовно-научни институции. Исто така, ја има титулата „Doctor Honoris Causa“ од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Видете и ова: Почина актерката Катина Иванова

Како професор по медицина и здравствени науки во Универзитетот Џорџ Вашингтон, Мурад добил и многу други награди, меѓу кои Наградата за основни медицински истражувања „Алберт и Мари Ласкер“, Наградата „Циба“ на Американското друштво за срце и Наградата „Бахтер“ за истакнати истражувања во биомедицински науки од Друштвото на американските колеџи по медицина.