До Нова година достапните броила ќе бидат сетирани за евтина дневна тарифа

илустрација

До први декември годинава се ќе биде подготвено за воведување евтина дневна тарифа на електричната енергија, а до крајот на декември сите достапни броила ќе бидат сетирани, изјави денеска менаџерот на Електродистрибуција Сашо Салтировски.

„Дел од броилата се т.н. смарт броила, тие ќе ги смениме дури преку ноќ и веќе од 1 декември околу 200 000 корисници ќе имаат веќе сетирани тарифи, а другите би биле во текот на месецот. Многу ќе зависи од потрошувачите и достапноста на броилата“, рече Салтировски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на министерот за економија Крешник Бектеши на подружницата на ЕВН Македонија во Бутел заедно со директорот на Бирото за метрологија, Авдуљ Сељам Селами.

Видете и ова: Евтина дневна тарифа за струја од први декември

Тој ги замоли граѓаните да им бидат достапни броилата, за како што рече, да можат нивните читачи да ги прочитаат, бидејќи во текот на читањето се прави сетирањето на броилата.

„Сите оние броила што ќе бидат достапни ќе бидат сетирани во текот на декември, а колку вкупно броила ќе бидат сетирани ќе зависи од достапноста на броилата. Сите броила што се достапни ги читаме еднаш месечно и сите тие ќе бидат сетирани, бидејќи тоа оди оптички со еден уред се оди од броило до броило и при читањето софтверот ги сетира како што треба да се сетира“, појасни Салтировски.

Нагласи дека во викенд куќи не може да се сетира броилото, ако куќата е затворена.

Министерот Бектеши потсети дека одлуката за воведување на евтина дневна тарифа на електричната енергија ја носи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) кое е независно тело.

Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година.