Талибанските власти ги отфрлија извештаите дека Авганистан ќе испрати спортистки на Азиските игри во Кина подоцна овој месец, велејќи дека сите 133 спортисти што беа испратени во делегацијата се машки.
Реагирајќи на извештајот на Ројтерс, Ахмадула Васик, шеф за физичко образование и спорт во Авганистан, во писмена изјава за РСЕ рече дека не е точно дека 17-те спортисти во тимот се жени.
За две години откако ја зазедоа земјата и ја соборија авганистанската влада поддржана од Западот, тврдокорните Tалибанци ги отфрлија ветувањата за умереност и наместо тоа сериозно ја ограничија слободата на жените, го убија несогласувањето и повторно ја наметнаа својата брутална форма на правда.
Теократската де факто влада на Талибанците воведе ограничувања на секој аспект од животот во Авганистан, вклучувајќи го изгледот на луѓето, слободата на движење, правото на работа или студирање и пристапот до забава.
Резултатот беше колапс на женскиот спорт во земјата, што доведе многу истакнати спортистки да ја напуштат земјата.
Видете и ова: „Преплашена сум“: Инфлуенсерките во страв по мистериозната смрт на авганистанска јутјуберкаМеѓународниот олимписки комитет (МОК) во декември ги предупреди талибанските владетели на Авганистан дека дозволувањето на жените и младите девојки безбеден пристап до спортот е услов за земјата да ги претставува Игрите во Париз во 2024 година.
Ројтерс ја цитираше изјавата од 6 септември на Националниот олимписки комитет на Авганистан, во која се вели дека земјата ќе испрати „женски спортски тим составен од вкупно 17 феноменални спортистки“. Се додава дека ќе се натпреваруваат во три спорта: атлетика, велосипедизам и одбојка.
Васик рече дека изјавата цитирана од Ројтерс за учество на Азиските игри, кои ќе се одржат во Хангжу од 23 септември до 8 октомври, не е издадена од Националниот олимписки комитет.
Во извештајот од јули, експертите на ОН рекоа дека положбата на девојчињата и жените во Авганистан е најлоша во светот и додадоа дека систематските ограничувања на жените и девојчињата би можеле да претставуваат „родов апартхејд“.