ЕСМ подготвено да го санира топловодот на мостот „Беласица“

Министерот Крешник Бектеши

Граѓаните на Скопје ќе имаат топлинска енергија од 15 октомври до крајот на грејната сезона, уверува министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека ЕСМ е подготвено да интервенира на мостот „Беласица“ во делот на топловодот веднаш откако ќе ги добие соодветните дозволи од Град Скопје.

„Во моментот кога ЕСМ ќе ги имаат тие дозволи веќе утредента ќе почнат со работа во делот на средување на мостот за снабдување со топлинска енергија. Но најважно од се е дека граѓаните на Град Скопје ќе имаат топлинска енергија за време на зимата од 15 октомври, па до крајот на грејната сезона“, рече Бектеши во одговор на новинарско прашање по посетата на подружницата на ЕВН Македонија во Бутел.

Видете и ова: Мостот на булеварот Беласица отворен само за лесни возила

Мостот на булеварот Беласица во мај беше зафатен од пожар. Од Центарот за управување тогаш иформираа дека пожарот избил од долната страна на мостот, а случајот го пријавило затекнато лице на 112. Официјалните информации беа дека била запалена електрична инсталација и систем за парно греење.

Мостот „Беласица“ ги поврзува општините Центар и Аеродром во главниот град Скопје.

Него почна да го гради ексградоначалникот Ристо Пенов, а беше пуштен во употреба на Денот на независноста, 8 Септември 2005 година, неколку месеци по доаѓањето на функција на Трифун Костовски.