Блинкен во ненајавена посета на Киев

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен треба да пристигне во ненајавена посета на главниот град на Украина.

Нема јавна објава за патувањето на Блинкен на 6 септември, за кое првпат јавија украинските медиуми. Портпаролот на Стејт департментот одби да коментира.

Но, очекуваната посета доаѓа неколку дена откако претседателот Володимир Зеленски го разреши својот министер за одбрана и неколку други функционери поради загриженоста за корупција што вклучува воени договори.

Видете и ова: Зеленски најави смена на министерот за одбрана Резников

Антикорупционерите и некои пратеници покренаа прашања за договорите за оружје и процедурите за набавка. Некои претставници во САД, најголемиот донатор на воена опрема во Украина, изразија загриженост.

Минатиот месец Зеленски ги разреши шефовите на сите воени центри за регрутирање, а заменик министерот за одбрана на Украина исто така поднесе оставка откако се соочи со обвиненија за корупција.

Минатата недела, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, се состана со тројца врвни украински функционери за да разговараат за напорите за справување со воената корупција.

Во јуни, Украина започна контраофанзива против руските сили на југот и на истокот на земјата. И покрај тоа што контраофанзивата напредуваше побавно од очекуваното, САД минатата недела соопштија дека украинските сили постигнале значителен напредок во источниот регион Запорожје.