Според министерот за надворешни работи Бујар Османи, за уставните измени се повеќе има поддршка од граѓаните и смета дека кај нив нема реална загриженост.
„Гледате нема реакции. Кога беше парламентарната седница немаше протести. Да имаше реална загриженост, луѓето ќе излегоа и ќе протестираа како што вчера протестираа. Што значи дека цело ова спротивставување има политичка позадина во служба на следните парламентарни избори. Но, нема исконска разочараност бидејќи тоа се ќе се манифестираше. Има фрустрации, има незадоволства, но, мислам дека како што оди дебатата и се објаснуваат процесите, луѓето се порелаксирани секој ден повеќе и мислам дека многу бргу ќе стигнеме до точката каде што ќе има поширока поддршка, изјави Османи.
Видете и ова: Џафери: Седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе има условиЗа Османи, следните парламентарни избори ќе се одржат во редовниот термин, оценувајќи дека тоа е затворено прашање. Тој рече дека до последниот ден на овој парламентарен состав ќе продолжат со напорите за уставни измени. Според министерот за надворешни работи, целта на опозицијата е оваа тема да ја држи отворена, сметајќи дека сакаат да ја искористат во изборната кампања.
„Без оваа тема ќе треба да излезете со изборна програма, ќе треба да излезете со економска, со социјална програма, образовна програма. Овде имате една тема со која луѓето се емотивно поврзани и тогаш полесно ќе ги злоупотребите емоциите на луѓето за изборна кампања. Јас сум свесен дека постои една критична точка за насоката на иднината на државата, но, поради изборните интереси на политичка партија нема да ја ризикуваме иднината на земјата“, рече Османи од Тетово, каде денеска се одржа првата Конференција на ОБСЕ за родова еднаквост и зајакнување на улогата на жените.