Министерството за локална самоуправа на Косово објави административно упатство со кое на граѓаните им се овозможува да ги менуваат градоначалниците на општините преку петиција.
Оваа инструкција е составена како дел од чекорите што ги презема косовската извршна власт за смирување на тензиите на северот на Косово.
Граѓаните на овој дел на Косово, населен главно со Срби, се против новите албански градоначалници избрани во април. Изборите во тоа време беа бојкотирани од српското население.
Косово се обврза дека ќе одржи нови избори во четири општини на северот. Владата побара да се изготви административно упатство со која ќе се овозможи нивна смена преку собирање потписи за петиција.
Видете и ова: ЕУ бара Србија и Косово да создадат клима за продолжување на дијалоготШто вели административното упатство?
Министерот за локална самоуправа, Ељберт Красниќи го објави административното упатство за кое треба да има поддршка од 20 отсто од гласачите на една општина за да се иницира смена на претседателот на локалната самоуправа.
Според податоците на Централната изборна комисија, во четири општини на северот на Косово - Звечан, Лепосавиќ, Зубин Поток и Северна Митровица - на изборите во април годинава право на глас имале 45.095 граѓани.
Во упатството стои дека собирањето на овие потписи мора да се врши врз основа на слободна волја и без притисок.
Прво, мора да се формира иницијативна група составена од најмалку три лица кои го застапуваат барањето на одредена општина.
Таа група пред да почне да собира потписи мора да го извести претседателот на Собранието на одредена општина и Централната изборна комисија (ЦИК). Се известуваат општината, ресорното Министерство за локална самоуправа и Централната изборна комисија за барањето на иницијативната група.
По приемот на барањето, најдоцна во рок од пет дена, претседателот на Собранието на општината го разгледува и ја регистрира иницијативната група како овластено лице. Доколку тоа не се направи во рокот, тогаш групата може да побара од ЦИК да го испита барањето и да го регистрира како овластено лице.
Најдоцна во рок од пет дена од пријавувањето, иницијативната група е должна да ја достави потребната документација до претседателот на Собранието на општината, која содржи список на потписи и овластување на Собранието на општината за јавниот простор на кој ќе се собираат потписите.
Потоа ЦИК, најдоцна пет дена по приемот на барањето, ги известува претседателот на општинското Собрание, иницијативната група за вкупниот број на гласачи во соодветната општина и за бројот на потребните потписи.
Оваа група има рок од 30 дена за собирање потписи и рокот може да се одложи само еднаш и тоа за 15 дена.
Потписите потоа се доставуваат до претседавачот на Собранието на општината и до ЦИК. Изборната институција ги верификува потписите и доколку ги нема онолку колку што се бара, 20 отсто од гласачите, подносителите на барање имаат дополнителен рок од десет дена да ја исполнат таа квота.
Доколку ЦИК потоа потврди дека се собрани соодветните потписи, тогаш се организира гласање за смена на градоначалникот. Гласањето го организира ЦИК.
Видете и ова: Сите предлози за намалување на тензиите меѓу Косово и СрбијаСе гласа и за смена на градоначалникот
Административното упатство го објаснува и процесот на гласање за смена на градоначалникот од функцијата. Гласањето за ова прашање мора да се одржи најдоцна 45 дена по потврдата дека е исполнета квотата од 20 проценти.
Ако за смена на градоначалникот гласаат 50+1 процент од граѓаните на избирачките списоци, тогаш тој се смета за сменет. После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.
Но, доколку при гласањето не се постигнат 50+1 процент од граѓаните, иницијативата се смета за неуспешна и според административното упатство, слична иницијатива може да се преземе дури по 12 месеци.
Поради влегувањето на градоначалниците Албанци во општинските згради, со помош на косовската полиција на крајот на мај, локалните Срби организираа протести во Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан.
Тензиите прераснаа во насилство на 30 мај во Звечан, откако српските демонстранти се судрија со членовите на мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР. Во судирите се повредени десетици луѓе од двете страни.
Меѓународната заедница предводена од САД и Европската унија побара од Косово и Србија да ги намалат тензиите. Од Приштина побараа да се одржат нови избори, а од Белград да ги охрабрат Србите да учествуваат во изборниот процес.
Во јули, Владата на Косово договори неколку чекори со ЕУ за ублажување на ситуацијата. Тие вклучуваат намалување на полициското присуство во и околу општинските згради на Северот и одржување на нови избори по летото.