ОН обезбедува храна само за една петина од 15 милиони Авганистанци кои имаат потреба

Авганистански трговец стои на улица во Кабул, 3 септември 2023 година.

Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН) во вторник на 5 септември објави дека поради недостиг на пари, нема да може да обезбеди помош во храна за уште два милиони луѓе во Авганистан оваа година.

Во април и мај, програмата мораше да ја намали помошта за околу осум милиони луѓе, а со новите два милиони, на вкупно 10 милиони луѓе ќе им биде одбиена помошта во храна.

Храна ќе биде обезбедена само за една петина од 15 милиони Авганистанци на кои им е потребна помош, според Агенцијата за храна на ОН.

„Со алармантно ниво на глад и неухранетост, принудени сме да избираме помеѓу гладните и оние чии животи се загрозени од глад, оставајќи милиони семејства сами да се грижат за следниот оброк“, рече директорот на програмата за Авганистан, Хсијао Веи Ли.

Тој додаде дека со малкуте ресурси што им останале, не се во можност да им служат на сите кои се на работ на сиромаштија.

Иако ветија поумерено владеење, талибанците воведоа строги мерки откако ја презедоа власта во Авганистан.

Видете и ова: Црвен крст – Сè повеќе Авганистанци ќе се борат за живот

Меѓу другото, на жените им е забрането да работат во невладини организации.

Мерките дополнително ја изолираа таа земја, која веќе беше во канџите на економска и хуманитарна криза, потсетува агенцијата Асошиејтед прес (АП).

Поради новото намалување на помошта, се проценува дека 1,4 милиони нови мајки и бремени жени и нивните деца ќе останат без специјална храна, соопштија ОН.

Очекуваат дека во наредните месеци ќе има нагло зголемување на бројот на приеми во центрите за храна, бидејќи децата ќе бидат се повеќе гладни.

Во текот на следните шест месеци, на програмата и се потребни една милијарда долари за помош на 21 милион луѓе.

Ова вклучува пари за донирање храна за заедниците кои ќе бидат отсечени за време на суровата авганистанска зима, се додава во соопштението.