Од Министерството за образование и наука велат дека навремено се започнати и извршувани активностите за изработка на учебниците, усогласени со важечката наставна програма.
Ваквиот став на МОН доаѓа откако вчера Комисијата за спречување и заштита од дискриминација објави дека една третина од учебниците не се обезбедени на почетокот на новата учебна година.
„Министерството нема законски механизми да влијае на пријавувањето на повиците за авторски тимови и повиците за рецензенти за нов учебник по одреден предмет. А, секој неуспешен повик, повлекува негово повторување, нови рокови и одолговлекување на постапката. Во меѓувреме, се случува да се неопходни корекции во текстовите на предложените учебници, што, исто така води до пролонгирање на процесот. По рецензентската проверка, текстот на учебникот до конечното одобрување, треба да го помине и филтерот на 17-члената Национална комисија за учебници“, се вели во соопштението од МОН.
Видете и ова: Некој ќе добие учебници, некој линк до помошни материјалиОд министерството посочуваат дека учебникот треба да овозможи постигнување на националните стандарди на знаење, учење со разбирање и подигнување на креативноста, иновативноста и критичкото размислување кај учениците. Нагласуваат дека во тек е темелна реформа на образованието која наметнува одредени неусогласености да се надминуваат во од.
„За да можеме да ја финализираме реформата, издигнувајќи го квалитетот на образованието, очекуваме од сите засегнати чинители да дадат поддршка, затоа што нашата цел, а веруваме и на сите останати – родителите, институциите, граѓаните, е учениците да стекнуваат знаења и вештини кои ќе ги направат рамноправни со нивните врсници од развиените земји“, додаваат од МОН.
Видете и ова: Третина од учебниците не се обезбедени, можна тужба за МОН за дискриминацијаВчера, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) објави дека од вкупно 126 учебници за сите задолжни и изборни предмети во деветгодишно основно образование, на почетокот од новата учебна година, Министерството за образование и наука (МОН) не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто од вкупниот број учебници.
По сите наставни предмети и на сите наставни јазици, учебници ќе имаат само учениците во прво и второ одделение, соопштија од Комисијата.
Видете и ова: Училниците се празнат, сè повеќе македонски деца се раѓаат во странство