Можноста дваесет пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот на Собранието да свика седница, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на почетокот на денешната 125-та седница, одговарајќи на барањето на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ да се свика продолжение на 123-тата седница за да се гласа за уставните измени.
На почетокот од 125 седница во Собранието, претседателот одговори дека основот на барањето е несоодветен.
„За нова седница е неспорно, можете да побарате, но, тоа е повторно можност да побарате, но не и обврска за да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Свикување седница, покрај другото може да побараат 20 пратеници. Претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници. Може, што значи и не мора. Така што, да сме начисто со тоа. Ниту множев, ниту делев, а кој се множи сам себеси, тоа си е негов проблем,“ рече Џафери.
Видете и ова: Куса дебата за уставните измени, за гласање ќе се чека
Тој дополни дека продолжението на прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието.
„Ставот 5 од членот 81 е јасен, прецизен и дециден во смисла на тоа дека прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието, кога ќе продолжи со таа седница. Впрочем, како што и многу други седници стојат и чекаат продолжение поради одредени работи кои што и вам и на јавноста претходно им се познати, а тоа е поради неработењето на соодветните комисии“, рече Џафери.
Тој дополни дека 123-тата седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи.
Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седницата на 18 август била затворена без никакво образложение и побара од Џафери, повикувајќи се на член 67 став 2 од Деловникот и согласно потписите од дваесет пратеници од оваа партија да се свика продолжение на оваа седница.
Собранискиот спикер ја прекина седницата за уставните измени на 18 август. Дневниот ред на седницата во Собранието за отпочнување на процедурата за уставни измени беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.