Куба идентификуваше наводен синџир на трговија со луѓе со цел да регрутира свои државјани да се борат во војната во Украина на страната на Русија, објави Министерството за надворешни работи.
„Владата работи на разбивање на „мрежата за трговија со луѓе што оперира од Русија за да вклучи кубански граѓани кои живеат таму, па дури и некои од Куба, во воените сили вклучени во воените операции во Украина“, се вели во соопштението на министерството, пренесено од агенцијата Франс-прес.
Кубанската влада покрена кривична постапка против оние кои организирале трговија со луѓе, се додава во соопштението.
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез во објава на мрежата X, порано позната како Твитер, рече дека владата „дејствува со целосна сила на законот“ против операциите на трговија со луѓе.
„Куба не е дел од војната во Украина“, соопшти Министерството, додавајќи дека ќе преземе мерки против секој „кој учествува во каква било форма на трговија со луѓе со цел да регрутира или ангажира кубански граѓани да користат оружје против која било земја“.
Видете и ова: Во војна во Украина за „брзо“ руско државјанство
Од Москва немаше никаква реакција до објавувањето на веста.
Весникот „Америка ТеВе“ со седиште во Мајами во петокот објави сведоштво на двајца тинејџери кои велат дека биле измамени да работат заедно со руската војска на градилиштата во Украина.
Во видео-пораката објавена на веб-страницата на весникот, еден од тинејџерите повикал на помош за што поскоро да излезе од Русија. Америка ТеВе пренесе дека видео пораката била испратена од автобусот што ги превезувал од Украина до рускиот град Рјазан заедно со руски војници.
Друг Кубанец за медиумите изјави дека потпишал договор со вооружените сили на Москва со надеж дека ќе го легализира својот статус во Русија.
Москва и Хавана неодамна ги зајакнаа односите, при што кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел се сретна со неговиот руски колега Владимир Путин во Москва кон крајот на минатата година. Во јуни, кубанскиот министер за одбрана Алваро Лопез Миер беше примен од неговиот руски колега Сергеј Шуга, потсетува АФП.
Украина во понеделникот соопшти дека постигнала одредени придобивки против руските сили на југ и исток додека продолжила со контраофанзивата. Русија започна инвазија на Украина во февруари 2022 година.