Со извици „крадци“ и „надвор“, со свирежи и врева пратениците од опозицијата се обидуваат да ја спречат вонредната седница на српскиот парламент.
Опозицијата која од мај ги организира протестите „Србија против насилството“ најави дека по поставувањето пратенички прашања на седницата на 5 септември „прави блокада на работата на Собранието“ бидејќи власта „молчи четири месеци по барањата на протестите“.
На седницата присуствуваат премиерката Ана Брнабиќ и министрите во Владата на Србија, а кога пратениците на опозицијата со транспаренти и извици им пријдоа на говорниците, собраниското обезбедување го опколи просторот каде што седат претставниците на Владата.
Премиерката Брнабиќ зборуваше за ребалансот на буџетот за 2022 година и предлогот за министер за економија, игнорирајќи ја вревата што не престанува.
Таа порача дека „власта ќе продолжи да работи и нема да отстапи пред опозицијата“.
„Единствената идеја што ја имате е да блокирате сè каде што ќе се појавите, од меѓународни патишта до парламентот на Република Србија“, рече Брнабиќ.
Претседателот на српското Собрание Владимир Орлиќ неколкупати од говорницата порача дека „пензионерите и мајките треба да видат дека опозицијата не дозволува да добијат покачување на пензиите и државната помош“.
Видете и ова: Протести против насилство во Србија пред стартот на школската годинаПратениците од опозицијата држат транспаренти на кои се испишани барањата на протестот „Србија против насилството“.
„Секојдневно околу нас има насилство. Се понудивме да разговараме во парламентот, купивте време, дури ни гласањето не беше одобрено. Ние побаравме разговор, а вие понудивте контра митинг“, рече пратеникот Небојша Зеленовиќ од опозициската пратеничка група „Мораме заедно“ и најави блокада на парламентот.
Секоја недела се одржуваат протести „Србија против насилството“ по двете масовни убиства на 3 и 4 мај во Белград и областа Младеновац, во кои загинаа вкупно 20 лица, од кои повеќето деца. Барањата на протестот се исти со месеци, поточно смена на членовите на Советот на РЕМ и раководството на РТС.
Тие бараат и затворање на печатените медиуми и укинување на програмите и националните телевизиски фреквенции кои промовираат насилство и омраза, како и смена на министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и директорот на Безбедносно информативната агенција Александар Вулин. Ниту едно барање не е исполнето.