Оружјето во фокус на разговорите меѓу Ким Јонг Ун и Путин во Русија

Ким Јонг Ун и Владимир Путин

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун планира овој месец да отпатува во Русија за да се сретне со претседателот Владимир Путин, изјави американски претставник за Си-Би-Ес, огранок на Би-Би-Си во Соединетите Држави.

Двајцата лидери ќе разговараат за можноста Северна Кореја да и достави оружје на Москва за да ја поддржи војната во Украина, рече претставникот. Точната локација на планираната средба не е позната.

Засега нема коментар за извештајот, кој го пренесоа и други американски медиуми, од Северна Кореја или Русија. Извори за Њујорк Тајмс изјавиле дека Ким најверојатно ќе патува со оклопен воз.

Можната средба доаѓа откако Белата куќа објави дека има нови информации дека преговорите за оружје меѓу двете земји „активно напредуваат“.

Портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби изјави дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу се обидел да го „убеди Пјонгјанг да и продаде артилериска муниција“ на Русија за време на неодамнешната посета на Северна Кореја.

Видете и ова: Севернокорејскиот лидер нареди зголемено производство на оружје

Оружјето што беше прикажано на состанокот ја вклучуваше интерконтиненталната балистичка ракета Хвасонг, за која се верува дека е прва ракета на цврсто гориво во земјата. Тоа беше прв пат Ким да ги отвори вратите на земјата за странски гости по пандемијата КОВИД-19.

Путин и Ким оттогаш разменија писма со „ветување дека ќе ја зголемат нивната билатерална соработка“.

„Ја повикуваме Северна Кореја да ги прекине преговорите за оружје со Русија и да се придржува до јавните обврски кои Пјонгјанг ги презеде да не испорачува или продава оружје на Русија“, рече Кирби.

Тој предупреди дека САД ќе преземат мерки, вклучително и воведување санкции, доколку Северна Кореја и достави оружје на Русија.

Видете и ова: Севернокорејскиот лидер му ги покажа ракетите на Шојгу

И во Вашингтон и во Сеул постои загриженост за тоа што би можела да добие Северна Кореја во замена за таков договор, што може да резултира со зголемена воена соработка меѓу двете земји.

Сепак, договорот може да заврши повеќе трансакциски отколку стратешки, пишува Би-Би-Си. Засега на Русија и треба оружје, а на изгладнетата од санкции Северна Кореја и требаат пари и храна. „Њујорк тајмс“ објави дека средбата меѓу Ким и Путин би можела да се одржи во пристанишниот град Владивосток, на источниот брег на Русија.

Пјонгјанг и Москва претходно негираа дека Северна Кореја и снабдува на Русија оружје за употреба во војната во Украина. Двајцата лидери последен пат се сретнаа во април 2019 година, кога Ким со воз пристигна во Владивосток. Ова веројатно беше последен пат Ким да патува во странство.