Во имигрантска населба во третиот по големина шведски град Малме, избувнаа судири откако антимуслимански демонстрант запали примерок од светата книга на исламот, Куранот, соопшти локалната полиција на 4 септември, пренесува агенцијата Асошиејтед Прес.
Полицијата во Малме соопшти дека демонстрантите фрлале камења по нив, а десетици автомобили биле запалени, опишувајќи ги настаните што започнаа во неделата и продолжија во текот на ноќта како „насилни немири“.
Судирите избувнаа откако антиисламскиот активист Салван Момика запали копија од Куранот во неделата, 3 септември, а разгневената толпа се обиде да го спречи, соопшти полицијата.
Приведени се најмалку три лица.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон на прес-конференција коментирајќи ги настаните рече: „Без оглед на причините зад овие немири, палењето автомобили, малтретирањето, насилството врз полицајците е целосно неприфатливо“.
Претходните случаи на палење на Куранот предизвикаа насилни протести во муслиманските земји, напади на шведски дипломатски претставништва и закани од исламските екстремисти. Лидерите на муслиманската заедница во Шведска ја повикаа владата да најде начини да го запре палењето на Куранот.
Шведска ги укина своите закони за богохулење во 1970-тите и владата рече дека нема намера повторно да ги воведе.
Последниот случај на палење се случи на 31 јули, кога Момика и уште еден маж запалија Куран пред парламентот во Стокхолм, во протест сличен на претходните што предизвикаа тензии меѓу Шведска и земјите од Блискиот Исток.