Османи – Не смееме да дозволиме Вучиќ да спроведе Путинов план за Западен Балкан

Албанија - Косовската претседателка Вјоса Османи се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај за време на официјалната посета на Тирана, 4 септември 2023 година

Косовската претседателка Вјоса Османи на 4 септември, ја обвини Србија дека има дестабилизирачки план за Западен Балкан, сличен на оној, како што рече, што Русија го спроведе во Украина во 2014 година.

За време на официјалната посета на Албанија, Османи порача дека сите демократски држави во регионот треба да го спречат спроведувањето на тој план.

На прес-конференција со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, таа рече дека ситуацијата на северот на Косово не е таа што го отежнува дијалогот меѓу Белград и Приштина, туку дека „Србија е таа која секогаш ја влошува ситуацијата во регион со последователни напади на Косово“.

„Не поминува недела, а некој од Србија да не пука во косовските полицајци на територијата на Косово. Со прецизно спроведување на план, каков што (претседателот на Русија, Владимир) Путин спроведе во 2014 против Украина, (претседателот на Србија Александар) Вучиќ и Србија имаат за цел да го дестабилизираат цел Западне Балкан, а преку дестабилизација на нашиот регион да ги нападнат вредностите и системот на вредности на кои почиваат ЕУ и НАТО“, рече Османи во врска со тензиите на северот на Косово.

Тензиите во областите со мнозинско српско население во северно Косово се зголемија кон крајот на мај, откако членовите на српската заедница се спротивставија на албанските градоначалници кои беа избрани во април.

Изборите во април беа бојкотирани од гласачите од српската заедница.

„Што се однесува до тоа како изгледа на север, имајте на ум дека Србија постојано илегално увезува оружје на Косово, Србија постојано обучува делови од нелегални криминални структури во српската армија, за да можат потоа да создадат проблеми со оружјето што нелегално го носат на северот на Косово“, рече Османи.

Претседателката на Косово, без да наведува докази за нејзините тврдења, рече дека Србија „постојано ги тероризира, заплашува и напаѓа граѓаните на Србија кои живеат на север“ и дека „постојано воведува транснационални организирани криминални групи на север“.

„Ова е предизвик за целиот наш регион, со кој сите демократски држави мора да се справат заедно. Не смееме да дозволиме Вучиќ да го спроведе Путинов на Западен Балкан“, рече Османи.

Во јули, Косово и Европската унија (ЕУ) се договорија за чекорите што Приштина треба да ги преземе за стабилизирање на ситуацијата, вклучително и намалување на полициското присуство во општините во северно Косово и одржување нови избори.

Кога се зголемија тензиите на северот на Косово, меѓународната заедница, предводена од САД и ЕУ, побара од Приштина и Белград да ги намалат тензиите и да се вратат на дијалогот за нормализација на односите, посредуван од Брисел.

ЕУ тогаш воведе некои казнени мерки против Косово за неисполнување на условите, а САД најавија дека Приштина нема да учествува на воените вежби на НАТО „Бранител Европа 23“.

Видете и ова: Курти и Вучиќ ќе се сретнат во Брисел на 14 септември


Претседателот на Албанија побара Косово и Србија да работат на имплементација на Договорот за нормализација на односите, кој беше постигнат во февруари, бидејќи, според него, тој договор на крајот ќе доведе до меѓусебно признавање.

Сепак, договорот не подразбира меѓусебно признавање, на што инсистира Косово, туку бара Косово и Србија меѓусебно да прифаќаат документи и симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи и регистарски таблички.

Бегај, исто така, побара од Косово поблиску да ги координира своите чекори со меѓународните партнери.