Министерот за здравство Фатмир Меџити уверува дека терапијата на Клиниката за онкологија и радиологија во Скопје која во моментов се дава е соодветна. На денешната прес конференција поврзана со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија порача да не се шират невистини за побрзо да се реши случајот со продажбата на цитостатици во Косово која ја вршел медицински персонал од клиниката.
„ Ја разбирам фрустрацијата што овој случај ја предизвика кај нашите граѓани, особено кај оние директно погодени од канцерогените заболувања. Ќе направам сѐ што е во моја моќ да се расчисти случајот на Клиниката за онкологија и да се утврди одговорноста на сите. Ќе создадам услови ова никогаш да не се повтори. За да се обезбеди темелна истрага, ќе бидеме транспарентни“, рече Меџити.
Тој додаде дека КАТО системот за контрола на терапиите не бил фрлен, како што пишуваа некои медиуми, туку бил на Клиниката, но дека се прават анализи дали овој систем да се врати во функција или да се воведе нов систем за контрола на терапија.
Видете и ова: ОЈО издаде наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци на ОнкологијаМеџити ги повика сите засегнати лица, а и пациенти кои имаат било какви сомнежи или сознанија во врска со лекувањето, да се обратат до Министерството за здравство или надлежните институции.
Обвинителството ја отвори предистражната постапка по скоро четри месеци откако неделникот Фокус во мај годинава објави дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Во сторијата на неделникот се вели дека долговите на Клиниката за онкологија во последните 3 години достигнале и до 20 милиони евра поради делење терапија без претходен план и купување лекови на реверс.