Иран го забави збогатувањето на ураниум на ниво блиску до оние потребни за производство на нуклеарно оружје, се вели во извештајот на нуклеарната агенција на Обединетите Нации.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), исто така, изрази жалење што Иран не постигна „никаков напредок“ во решавањето на отворените прашања, вклучително и инсталирањето на повеќе камери за следење на развојот на неговата нуклеарна програма.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси „бара Иран сериозно и одржливо да соработува со агенцијата во исполнувањето на нејзините обврски“, се вели во доверливиот извештај во кој имал увид агенцијата Франс прес.
Техеран во март вети дека повторно ќе ги активира надзорните уреди кои беа исклучени во јуни 2022 година во услови на влошување на односите со Западот.
Друг доверлив извештај на МААЕ, во кој имала увид агенцијата Асошиејтед прес во понеделникот, на 4 септември, наведува дека Иран има 121,6 килограми ураниум збогатен до 60 отсто, што е многу помал пораст од претходно објавеното.
Видете и ова: Иран продолжува да збогатува ураниум
МААЕ во извештајот во мај наведе дека Иран има 114 килограми, односно 60 отсто збогатен ураниум, додека во февруари имал 87,5 килограми. Ураниум збогатен до 60 проценти чистота е само краток, технички чекор подалеку од нивото од 90 проценти потребно за да се направи оружје, истакнува АП.
Извештајот на МААЕ доаѓа додека Иран и Соединетите Држави преговараат за размена на затвореници и ослободување на милијарди долари од иранските средства замрзнати во Јужна Кореја. Забавувањето на иранското збогатување ураниум би можело, според АП, да испрати порака дека Техеран се обидува да ги намали тензиите со Вашингтон по долгогодишните затегнати односи по пропаѓањето на нуклеарниот договор меѓу Иран и светските сили од 2015 година.
Иран останува на ставот дека неговата нуклеарна програма е мирољубива, но генералниот директор на МААЕ предупреди дека Техеран има доволно збогатен ураниум за „неколку“ нуклеарни бомби доколку одлучи да ги изгради.
На Иран веројатно ќе му требаат месеци за да произведе нуклеарно оружје. Американските разузнавачки агенции во март соопштија дека Техеран „во моментов не презема клучни активности за развој на нуклеарно оружје што би биле неопходни за производство на нуклеарна направа што може да се тестира“.