Русија предлага заедничка поморска вежба со Северна Кореја и Кина

Руската фрегата Адмирал Горшков на заедничката поморска вежба на Русија, Кина и Иран во Арапското Море, 18 март 2023 година

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му предложил на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нивните земји да одржат поморска вежба со Кина, објави Ројтерс, цитирајќи ја јужнокорејската новинска агенција Јонхап.

Шојгу се сретна со Ким во јули за време на посетата на Северна Кореја на 70-годишнината од крајот на Корејската војна, која во таа земја се слави како „Ден на победата“.

Јонхап објави дека за време на посетата, Шојгу презентирал предлог за поморските вежби на трите земји.

Јужнокорејското разузнавање го информираше јужнокорејскиот парламент дека Шојгу најверојатно одржал приватен состанок со Ким за да се договори за проширување на воената соработка, објави Јонхап во понеделникот на 4 септември.

Видете и ова: Севернокорејскиот лидер му ги покажа ракетите на Шојгу

Русија и Северна Кореја неодамна повикаа на поцврсти воени врски, иако Пјонгјанг негираше дека има „договори за оружје“ со Москва.

Портпаролот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, на брифинг со новинарите минатиот месец изјави дека Шојгу се обидел да договори набавка на артилериска муниција за време на посетата на Северна Кореја.

Соединетите Држави неодамна воведоа санкции за три субјекти обвинети дека се поврзани со договори за оружје меѓу Северна Кореја и Русија.

Северна Кореја изврши шест нуклеарни проби од 2006 година и тестираше различни ракети, но ретко одржува заеднички воени вежби со соседите. САД и Јужна Кореја редовно одржуваат воени вежби, кои Северна Кореја ги осуди како подготовки за војна против неа.