Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејства за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија, велат од Обвинителството.
„Во континуитет се издаваат наредби и се обезбедуваат докази, кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели. Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
ОЈО ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети.
„Во тој контекст ја известуваме јавноста дека соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица што имаат сознанија за противправни дејства“, соопштуваат од ОЈО.
Видете и ова: Спасовски: Ќе одговара секој кој бил вмешан во случајот на Клиниката за онкологија
Оттаму додаваат дека Обвинителството Скопје ќе формира тим од стручни лица, кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.
„Во истиот момент, кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, Обвинителството ќе ја информира јавноста. Во исто време, свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани, сепак апелираме на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице. Ширењето непроверени информации и нарушувањето на пресумцијата на невиност може сериозно да ѝ наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Видете и ова: Пендаровски за случајот онкологија: Крајно време е да ја прекинеме културата на неказнивост
Обвинителството ја отвори предистражната постапка по скоро четри месеци откако неделникот Фокус во мај годинава објави дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија.
Во сторијата на неделникот се вели дека долговите на Клиниката за онкологија во последните 3 години достигнале и до 20 милиони евра поради делење терапија без претходен план и купување лекови на реверс.