Секој еден кој бил инволвиран, без разлика на позиција, ќе одговара, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, за случајот со Клиниката за онкологија.
Тој тврди дека посебен тим од Крим полиција работи во координација со Основното јавно обвинителство и дека е направен целосен план во однос на постапување и интензивно се работи на прибирање на информации.
„Конкретноста на информациите не можеме да говориме и да откриеме сега, не смее да се влијае на постапката, се со цел да не се руши еден дел од доказната постапка, пред сѐ во смисла на сведоци. Постојат постапки и процедури, бројот на лица со ПИМ е поголем и тоа е засега што може да се соопшти во јавноста. Виновниците имаат име и презиме и тие мора да бидат утврдени, истакна министерот Спасовски.
Видете и ова: Револт по скандалот на Клиниката за онкологијаОбвинителството ја отвори предистражната постапка по скоро четри месеци откако неделникот Фокус во мај годинава објави дека имунолошката терапија од цитостатиците, од која зависи животот на пациентите болни од рак, постојано доцни, но и дека во неколку наврати вработени на клиниката биле фатени како ја крадат и ја препродаваат неопходната и скапа терапија. Во сторијата на неделникот се вели дека долговите на Клиниката за онкологија во последните 3 години достигнале и до 20 милиони евра поради делење терапија без претходен план и купување лекови на реверс.
Спасовски нагласи дека сите инволвирани ќе одговараат, без никаква толеранција кон нив.
„Ваков чин на злосторство, нехуманост, нечовечко однесување, од било кого да е направено, нема да има никаква толеранција. Тоа е основата која ја имаме во работењето со ОЈО и тука нема да има пардон за никого. Се случувале 20 години вакви настани, имало индиции многу пати до сега, но сега е дојден моментот да се расчистува со корупција и за тоа ги преземаме сите чекори и мерки кои стојат на располагање. Секој еден кој бил инволвиран без разлика на позициите кои ги имале, ќе биде дел од процесот и ќе носи одговорност“, порача министерот Спасовски.