Русија го нападна украинското пристаниште Измаил

Последици од нападот со дрон врз градот Одеса, 4 септември 2023 година

Русија во текот на ноќта изврши воздушен напад врз едно од најголемите пристаништа за извоз на жито во Украина, соопштија украинските власти. Ова се случува неколку часа пред да разговараат рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган.

Украинските воздухопловни сили ги повикаа жителите на пристаништето Измаил, едно од двете главни пристаништа за извоз на жито во Украина на Дунав во регионот Одеса, да побараат засолниште по полноќ во понеделник.

Некои украински медиуми објавија звуци од експлозии во областа, пренесува Ројтерс.

Путин и Ердоган во понеделник, на 4 септември треба да се сретнат во руското црноморско одморалиште Сочи, додека Анкара и Обединетите Нации се обидуваат да го оживеат договорот за извоз на жито од Црното Море, кој помогна да се олесни глбалната криза со храна.

Анкара ги нарече разговорите клучни за договорот.

Видете и ова: Средба Ердоган - Путин на 4 септември во Сочи

Русија го напушти договорот во јули, односно една година откако беше посредуван од Обединетите Нации и Турција, жалејќи се дека нејзиниот извоз на храна и ѓубрива се соочува со пречки и дека нема доволно жито во земјите на кои им е потребно.

По откажувањето од Црноморскиот договор за жито, Москва започна напади врз пристаништата на Дунав, кои оттогаш станаа главна рута за извоз на жито на Украина.

Нападот од понеделникот, чии размери не се познати, уследи по руските напади во неделата врз другото големо пристаниште Рени на Дунав, кои ја оштетија инфраструктурата на пристаништето и беа повредени најмалку две лица, јавува Ројтерс.

Украина, главен производител на жито, успеа да извезе околу 33 милиони тони жито и други земјоделски производи по морски пат од летото 2022 година, обезбедувајќи глобални синџири на снабдување.

Видете и ова: ЕУ - Русија користи „жито како оружје“

Главниот советник на Ердоган за надворешна политика и безбедност, Акиф Чагатај Килиќ, рече дека „на самитот“ на двајцата претседатели во руското одморалиште Сочи ќе се разговара за „актуелниот статус на договорот за жито“.

„Ние сме претпазливи, но се надеваме дека ќе постигнеме успех. Ние играме водечка улога овде “, рече Килиќ во интервју за телевизискиот канал А Хабер.

Ердоган ја повика Москва да ја укине блокадата, нагласувајќи дека договорот е од суштинско значење за глобалната стабилност на храната и за обезбедување безбедност во регионот на Црното Море.