Мостот на булеварот Беласица отворен само за лесни возила

Мостот на булеварот Беласица во Скопје.

Град Скопје соопшти дека мостот на булеварот Беласица од денеска ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете коловозни ленти, откако експертите утврдила дека нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста, откако пред неколку месеци мостот беше зафатен од пожар.

„Од експертскиот извештај било констатирано дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека од денес, мостот ќе биде отворен за сообраќај само за лесни возила во двете крајни коловозни ленти, додека двете средишни коловозни ленти ќе бидат отворени во моментот на завршување на градежните работи од страна на ЕСМ.

Мостот на булеварот Беласица во мај беше зафатен од пожар.Од Центарот за управување тогаш иформираа дека пожарот избил од долната страна на мостот, а случајот го пријавило затекнато лице на 112. Официјалните информации беа дека била запалена електрична инсталација и систем за парно греење.

Мостот „Беласица“ ги поврзува општините Центар и Аеродром во главниот град Скопје.