Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Марија Габриел пред пратениците во Народното собрание во Бугарија рече дека позицијата на Бугарија кон Северна Македонија е јасна, односно дека треба да се исполнат обврските договорени и прифатени во јули 2022 година и дека лажни се информациите дека Бугарија има нови услови кон земјата. Таа додаде само кога Северна Македонија ќе ги исполни обврските, што како што рече, „самите се согласиле да ги исполнат, тогаш евроинтеграциите веќе нема да бидат сон“, вели таа.
„Бугарија ќе продолжи многу јасно да ја брани својата позиција, да потсетува дека стоиме зад исполнувањето на сите услови поврзани со компромисот од јули 2022 година, јасно да се спротивставиме на обидите за лажни информации и дезинформации дека Бугарија има нови услови, а во меѓувреме јасно да опстојуваме на нашиот јазик, култура и идентитет, рече Габриел во одговор на пратеничко прашање во бугарското Собрание.
Видете и ова: Ескобар очекува да продолжи процесот на уставни измени, опозицијата бара избориОфицијална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје, откако беше потпишан францускот предлог. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во Преамбулата да ги вклучи и Бугарите. Тоа е услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската унија.
Собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот започна на 18 август.
Дневниот ред на седницата во Собранието за отпочнување на процедурата за уставни измени беше усвоен со 70 гласа „за“. Дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот беше исцрпена, по што претседателот на македонскиот Парламент Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.
Видете и ова: Туризмот колатерална штета на македонско бугарскиот спорБугарската министерка за надворешни работи Габриел во Народното собрание во Бугарија беше прашана и за предложена резолуција во американскиот Сенат за септември да биде прогласен за месец на македонско-американското наследство во САД, на што таа одговори дека Министерството за надворешни работи на Бугарија ќе направи се тоа да не се случи.
Како што објави МИА, Габриел во Собранието на Бугарија информирала дека бугарското МНР уште од првиот момент кога дознало за поднесената резолуција презело активности, а дека амбасадорот и генералниот конзул во Вашингтон веќе разговарале со тимот на сенаторот кој ја предложил резолуцијата. Таа рече дека дека процедурата во Сенатот е започната, но оти ќе направат се што е можно да не биде донесена.
Во јули годинава, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон ја претстави резолуција во американскиот Сенат да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.