Русија тврди дека спречила три напади на Кримскиот мост

Товарен воз сообраќа по шините на Кримскиот мост, кој ги поврзува руското копно и Кримскиот Полуостров преку теснецот Керч. 17 јули 2023 година. Илустративна фотографијa.

Русија соопшти дека нејзините сили спречиле три напади со поморски беспилотни летала на стратешкиот мост на Крим, што го поврзува окупираниот полуостров Крим со руското копно.

Првиот напад на Украина над мостот на Крим беше ноќта на 1 септември, а два други беа на 2 септември, соопшти руското Министерство за одбрана.

Украина се уште не ги коментирала нападите, кои наводно го блокирале сообраќајот на мостот три часа.

Киев неколку пати изјави дека железничкиот и транспортниот мост, што се користи за снабдување на руските сили кои се борат во Украина, е легитимна воена цел.

Видете и ова: САД - Забележителен напредок на украинските сили на југот на земјата

Нападите доаѓаат додека украинските сили продолжуваат да напредуваат во југоисточниот регион Запорожје во обид да го пресечат копнениот мост што ја поврзува окупираната украинска територија со полуостровот Крим, за кој Киев изјави дека има намера да го врати откако Русија незаконски го анектираше во 2014 година.

Украинската армија рано на 2 септември објави дека нејзиниот напредок продолжува во правец на југоисточниот град Мелитопол.

На 1 септември, САД објавија дека украинските сили постигнале „значаен напредок“ во тековната контраофанзива во регионот Запорожје во последните денови.

„Тие имаа одреден успех против таа втора линија на руската одбрана“, рече портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби.

Тој додаде дека како „било кој објективен набљудувач на оваа контраофанзива, не може да негира... дека тие постигнале напредок сега“.