Северна Кореја во раните утрински часови на 2 септември истрела неколку крстаречки ракети кон Жолтото Море, објави јужнокорејската војска.
Деталите за лансирањето беа анализирани од јужнокорејските и американските разузнавачки служби, се вели во соопштението на Здружениот штаб на Јужна Кореја.
Тоа беше последниот во серијата ракетни тестови и воени вежби што Северна Кореја ги спроведе во последните недели, вклучително и неуспешното лансирање на шпионски сателит кон крајот на минатиот месец, што наиде на нови критики од главните политички партии во Јужна Кореја.
„Тоа е непријателски чин кој го загрозува мирот на Корејскиот полуостров“, изјави портпаролот на владејачката Партија на народната моќ.
Видете и ова: Песков: Русија ќе ги продлабочи врските со Северна КорејаВо соопштението пренесено од државниот медиум KCNA, севернокорејското Министерство за надворешни работи ја обвини Јапонија за подигање на тензиите во регионот со развој на ракети со долг дострел, но не се споменува лансирање ракета.
Јапонија и САД се очекува наскоро да се договорат за заеднички развој на ракета-пресретнувач за да се спротивстават на хиперсоничните боеви глави што ги развиваат Кина, Русија и Северна Кореја, објави минатиот месец јапонскиот весник „Јомиури“.
На 1 септември, Сеул објави санкции против пет севернокорејски поединци и една компанија како одговор на лансирањето на, како што наведе, вселенската ракета од Пјонгјанг минатиот месец.
Државниот медиум KCNA на 31 август објави дека Пјонгјанг извршил симулиран нуклеарен напад „изгорена земја“ врз цели низ Јужна Кореја, што предизвика критики од Сеул.
Годишната заедничка летна вежба меѓу Јужна Кореја и САД, позната како Штитот на слободата на Улчи, заврши на 31 август по 11-дневните воздушни вежби со бомбардери Б-1Б.
Северна Кореја протестираше поради распоредувањето на американските стратешки бомбардери истрелувајќи две балистички ракети само неколку часа подоцна во знак на одмазда.
Пјонгјанг долго време ги осудува вежбите како проба за војна.