Земјите од Европската Унија се подготвуваат да се заложат за глобален договор за постепено укинување на фосилните горива на Самитот за климатски промени, COP28 кој ќе се одржи во октомври, покажува нацртот на преговарачката позиција на ЕУ, пренесува „Ројтерс“.
Дипломатите од 27-те земји-членки на блокот ги подготвуваат своите позиции за самитот во Дубаи, каде што речиси 200 земји ќе се обидат да ги засилат напорите за спречување на климатските промени.
„Патот кон климатско неутрална економија ќе бара постепено исфрлување на фосилните горива на глобално ниво и крај на нивната потрошувачка веќе во блиска иднина“, стои во нацрт-преговарачката позиција на ЕУ.
Земјите никогаш досега не се согласиле во разговорите за климатските промени во ОН постепено да го укинат согорувањето на сите фосилни горива што емитуваат CO2 и покрај тоа што ова е главната причина за климатските промени.
Дипломатите на ЕУ се надеваат дека може да се постигне договор на самитот COP28, но очекуваат дека ќе се соочат со отпор од економиите кои се потпираат на приходите од продажбата на нафта и гас.
Видете и ова: ОН- Климатските промени носат „застрашувачка иднина“Документот на ЕУ, за кој сè уште се преговара и може да се промени пред да биде финализиран во октомври, наведува дека енергетскиот сектор треба да биде во голема мера ослободен од фосилни горива до 2050 година, бидејќи економичните извори на енергија без CO2 се веќе достапни.
Предлогот за постепено укинување на фосилните горива што емитуваат јаглерод диоксид доби поддршка од повеќе од 80 земји на минатогодишниот самит на ОН за климата, но Саудиска Арабија и другите земји богати со нафта и гас се спротивставија.
Некои земји со економии засновани на фосилни горива сакаат да се фокусираат на развој на технологии за собирање на емисиите на CO2, наместо да ја намалат употребата на фосилни горива.
Собирањето и складирањето на јаглеродот е комбинација на технологии дизајнирани да го спречат ослободувањето на CO2, генериран преку конвенционално производство на енергија со инјектирање на CO2 во соодветни подземни резервоари за складирање. Поради несогласувањето за ова прашање министрите на Г-20 не можеа да се договорат за сузбивање на фосилните горива на состанокот одржан минатиот месец.