Нова рунда дијалог меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 14 септември, најави високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Ова ќе биде прва средба во рамки на дијалог меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово, што дополнително ги заостри односите меѓу Приштина и Белград.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој на 30 август се сретна со специјалниот претставник за дијалог, Мирослав Лајчак, изјави дека „има многу идеи, но дека снемува решенија“.
На 3 јуни ЕУ објави дека очекува Косово и Србија да се однесуваат одговорно и веднаш да се вклучат во дијалог за изнаоѓање одржливо решение за ситуацијата на северот на Косово.
Видете и ова: Вучиќ за состанокот со Лајчак – Има многу идеи, но Приштина не сака решениеВучиќ и Курти последен пат се сретнаа во Брисел на 2 мај, девет дена по вонредните локални избори на северот на Косово, кои беа бојкотирани од Србите. Во тој круг од бриселскиот дијалог беше усвоена Декларацијата за исчезнати лица и беше претставен првиот нацрт на Статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство.
Тие беа во Брисел и на 22 јуни, во екот на една од бројните кризи на северот на Косово, но тогаш не се сретнаа, туку разговараа одделно со Борел и Лајчак.