Белорусија ја осуди новинарката Шчиракова на 3,5 години затвор поради „екстремизам“

Белорусија - Новинарката Лариса Шчиракова

Белоруската новинарка Лариса Шчиракова е осудена на три и пол години казна затвор.

Регионалниот суд во Гомел, во југоисточна Белорусија, ја осуди новинарката откако ја прогласи за виновна за „олеснување на екстремистички активности“ и „дискредитација“ на Белорусија.

Пресудата е дел од континуираното задушување на неистомислениците на авторитарниот лидер на земјата Александар Лукашенко.

Истрагата покажала дека новинарката на интернет објавила материјали кои ја „дискредитирале“ земјата и собирала информации за групата за човекови права „Вјасна“ со седиште во Минск, како и за полскиот телевизиски канал „Белсат“. Белорусија го означи Белсат за „екстремистички“ во 2021 година и го забрани во земјата.

Локалните групи за човекови права ја признаа Шчиракова како политички затвореник. Таа беше уапсена на почетокот на декември и рече дека нема да се жали на пресудата.

Видете и ова: Сопругата на новинар на РСЕ во Белорусија осудена на затворска казна поради изјава


Комитетот за човекови права на ОН ги разгледа жалбите на четворица белоруски новинари, вклучително и Шчиракова, и ја прогласи Белорусија за виновна за кршење на нивното легитимно право да собираат и шират информации, како што предвидува член 19 од Меѓународниот договор за граѓански и политички права.

Белоруското здружение на новинари вели дека казната за Шчиракова е „одмазда“, бидејќи „монополот на информациите е нешто без кое ниту еден диктаторски режим не може да остане на власт. Затоа ги прогонуваат медиумите и новинарите“.

Во Белорусија сега има 33 новинари зад решетки.