Вархеји го поздрави предлогот на Мишел за нови членки на ЕУ до 2030 година

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји го поздрави предлогот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Европската Унија да добие нови членки до 2030 година.

„Ако ова е порака од Советот дека сакаат конечно да се ангажираат и да направат голем чекор кон проширувањето, тоа е добредојдена вест“, рече комесарот Вархеји во Толедо, Шпанија, каде што се состануваат министрите за надворешни работи на ЕУ.

Тој нагласи дека Европската комисија секогаш била подготвена да го претстави секој предлог што ќе не доведе до таа цел.

„Мислам дека не е прашање на датумот. Мислам дека е повеќе прашање на волја, а исто така прашање на испорака, испорака на страната на ЕУ, но и испорака на страната на нашите партнерски земји од Западен Балкан или останатите три земји кандидати (Молдавија, Украина, Турција)“, изјави Вархеји.

Видете и ова: Дали „Европа со повеќе брзини“ ќе забави на Западен Балкан?

Европскиот комесар за проширување најави дека во октомври, кога ќе бидат објавени годишните извештаи за сите земји во процесот на проширување, Комисијата ќе излезе со „суштински предлози“ вклучувајќи план за раст, кој, според него, ќе забрза не само институционална, туку и вистинска интеграција.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на 28 август изјави дека Европската Унија треба да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година.

Говорејќи на стратешкиот форум во Блед, Словенија, тој истакна дека треба да има јасна цел и дека ЕУ треба да биде подготвена за проширување. Најави дека дискусијата за проширување на европското семејство ќе биде иницирана на претстојните самити на ниво на ЕУ.